Во пресрет на Меѓународниот ден на спортот за развој и мир (6-ти април), Македонскиот олимписки комитет, денеска,  донираше спортска опрема за потребите на основното училиште „Аврам Писевски”.

На настанот кој се одржа во училишниот двор, присуствуваа поголем број на спортски работници, наставници по физичко воспитание и образование, претставници од Македонскиот олимписки комитет, како и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Ова училиште кое се наоѓа во скопската населба Бардовци, го збогати својот фонд на спортски реквизити, со поголем број на топки за фудбал, кошарка, ракомет и одбојка. Исто така, оваа училишна установа е опремена и со нови мрежи за обрачите за кошовите и головите. Донирани се и едукативни материјали, книги и брошури кои ги поттикнуваат младите да спортуваат, како и дополнителна спортска опрема за нормално одвивање на тренажниот процес.

Градоначалникот Богоев посочи дека Општината е фокусирана на развој на спортот во училиштата, а потврда за тоа се и успешните училишни спортски лиги во Карпош.

–          Овие натпреварувања меѓу учениците дополнително ги развиваат здравите навики кај нив. Лигите претставуваат „расадник” на нови таленти, а верувам и на идни големи спортски имиња од нашата Општина, рече Богоев.

Директорката на „Аврам Писевски”, Матилда Бајкова ја истакна заложбата на училиштето за вклучување на учениците во голем број на вонучилишни активности кои само ќе ја развијат креативноста кај младите.

Со цел да се обезбедат побезбедни услови за следење на наставата по физичко воспитание и образование, во училишната спортска сала и во соблекувалните се заменети и дел од вратите.

Во насока на активирање на младите и поголема спортска активност, Општина Карпош ќе продолжи да негува партнерски однос со институциите, организациите и спортските работници со цел реализација на заедничките цели од оваа област.