По  повод 16 дена активизам против семејното насилство, кој оваа година се одбележува под мотото „ Со срце, за секоја една“,  како светски воспоставена практика, во просториите на урбаната заедница „ Кузман Јосифовски- Питу“ при Општина Карпош се одржа трибина за семејното насилство.

Како што нагласи координаторката за родова еднаквост во Општина Карпош Виолета Михајловска, Општината секогаш се грижела за воспоставувањето на еднаквите можности помеѓу двата пола. На трибината  освен претседателката на организацијата на жени во Град Скопје Томка Дилевска, и координаторката на СОС линијата при овој центар Снежана Смилевска, кои беа модераторки на трибината ,  беа  присутни и претставнички од урбаните и месните заедници, граѓанки кои активно дебатираа на оваа тема и ги изложуваа проблемите со кои се соочуваат жените- жртви на семејното насилство во нашето општество.

 

 

–                    Нашата организација постои од 1994 година, и се занимава со третманот односно згрижувањето на жените – жртви на семејното насилство. Во последната декада, морам да нагласам дека свесноста за овој проблем е на едно повисоко ниво, односно жените сé повеќе се свесни за психичката и физичката тортура која ја трпат и за која пријавувааат во надлежните институции или организации, нагласи претседателката на организацијата Томка Дилевска.

 

 

Координаторката на СОС центарот за згрижување на жени- жртви на насилство , Снежана Смилевска, потенцираше дека во нашата држава има минимален  број на отворени шелтер центри, и дека институциите треба повеќе да посветат внимание и да дадат важност на овој горлив проблем, со кој се соочува Република Македонија.

 

–                    Доколку се ратификува Истанбулската конвенција за заштита на жртвите од семејното насилство, тогаш голем број на министерства, социјални центри, локални самоуправи, и други институции ќе бидат законски обврзани да прават годишни акциски планови за семејното насилство. Така, овој проблем, полека ќе се искачи на пиедесталот и истиот ќе добие гласност во општеството, заклучи Смилевска.

 

На  трибината активно учествуваа многу голем број од присутните граѓанки, кои изложуваа  лични искуства, примери на свои блиски, познати кои биле предмет на семејно насилство. Сите присутни заклучија дека на полето на заштита на жртвите на семејното насилство има напредок, но дека има уште многу простор да се работи на оваа проблематика, поради стереотипноста и стигматизацијата која владее во македонското општество.