Во рамки на проектот REPLACE кој е финансиран од програмата за истражување и иновации на Европската Унија „Хоризонт 2020“, денеска во хотелот Александар Палас се одржа семинар за обука на инвеститори, проектанти, изведувачи и презентација на REPLACE алатките.

Целта на денешниот настан беше да ги мотивира крајните потрошувачи да ги заменат старите неефикасни уреди за греење и ладење, со подобри еколошки и економски исплатливи алтернативи. Во таа насока, овие искуства треба да овозможат донесување на информирани одлуки за одржливи навики и врз основа на стручните факти, да се спроведат локално прилагодени кампањи за замена на системите за греење и ладење во 10 европски пилот – региони. Инаку, општините Карпош, Ѓорче Петров и Аеродром се дел од КАГоП регионот кој учествува во проектот REPLACE.

Во првата сесија од семинарот, заменик раководителот на Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош, Љупчо Димов, по кусиот вовед во проектот REPLACE, темелно ги презентираше материјалите за инвеститорите, проектантите и изведувачите. Потоа Димов, аналитички се осврна на прегледот на секторот за греење во Европската Унија, при што стручно образложи кои се предностите на обновливото греење и ладење и кои алтернативи се достапни на светскиот пазар.

Во втората сесија, истражувачите во меѓународната научна организација SDEWES (Sustainable Development of Energy, Water and Environment Systems), м-р Емилија Михајлоска и доцентот на ФЕИТ, д-р Владимир Ѓоргиевски, одржаа презентација на REPLACE алатките. Во оваа пригода тие говореа за REPLACE калкулаторот, со помош на кој се прави објективна споредба на системите за греење во постојните објекти, со простор на живеење до 1.500 м2. Поради се поголемата употреба на  клима уредите –  (инвертери) како актуелна технологија во домаќинствата,  денеска беа презентирани „Калкулаторот за инвертери“  и „Интерактивната матрица“. Со помош на овие алатки треба да се добијат егзактни податоци кои ќе им послужат на корисниците, да се одлучат за подобри економско исплатливи и енергетско – ефикасни решенија, при изборот за греење и ладење на својот дом.