Завршени се работите околу целосна замена на прозорците на детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1. На овој начин се подобри енергетската ефикасност на објектот, а со тоа  се намалуваат и трошоците за потрошувачка на електрична енергија. Ова е трет објект на градинка во Карпош, којшто користи средства од Планот за чист воздух кој го спроведува Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Во градинката „Мајски цвет“ веќе извесен период се работи и на други реконструкции, имајќи предвид дека овој објект долги години беше во руинирана состојба.

Во посета на градинката денеска беа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

  • Претходно беа променети прозорците и вратите и на „Мајски цвет“ на Млечен, а во Влае 1, во градинката „Пролет“, направивме целосна замена на системот на греење (од нафта на систем „водзух – вода“), со што спречивме ПМ10 честички да завршуваат во воздухот.

Во „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1 веќе се реконструираа и сите тоалети, а следува и обнова на фасадата. После повеќе децении целосно ги подобруваме условите во оваа градинка, рече Богоев.

Заменикот министер Макрадули, преку бројки, ја посочи важноста од зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти. Со оваа реконструкција се постигнува намалување на сметките за електрична енергија за 57.8 % за објектот „Мајски цвет“ на Млечен.  Пред замената на прозорците сметката за струја била 11.759 денари, а по замената, речиси преполовена или 6.805 денари. На овој начин се потврдува и економската исплатливост на овој проект.

Целта е да ги менуваме нееколошките системи за греење во сите јавни објекти, да ја подобруваме енергетската ефикасност, а исклучителноо значајно е што Карпош редовно аплицира на јавните повици за добивање на средства и активно работи на намалување на аерозагадувањето, рече Макрадули.