Денеска, во ООУ „Аврам Писевски“, во населбата Бардовци, во присуство на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, министерката за образование и наука Рената Треневска – Дескоска и претсавник од мисијата на УНИЦЕФ,  се одржа едукативен час по здрава исхрана. Овој настан е во рамки на глобалниот  проект „Секој оброк, раскажува приказна“ и во себе вклучува унифицирани вредности и заложби како што се: здравата исхрана, чиста животна средина, чиста вода за пиење, намалување на сиромаштијата, рамноправност, подобар квалитет на живот, подобро образование.

Како што истакна министерката Дескоска, потребата од здрава исхрана кај децата во основните училишта, налага нова законска регулатива со која ќе се контролира квалитетот на исхраната.

 

–          Во собраниска процедура ќе предложиме законско решение, со кое ќе се утврди точниот нутритивен квалитет на исхраната. Ќе се предложат поригорозни казнени мерки за оние училишта кои не го почитуваат правилникот со кој е утврдено точно какви хранливи состојки треба да конзумираат основците, потенцираше Дескоска.

 

 

Одделенската наставничка, Драгана Горковска- Гавриловска  преку интерактивна настава им го презентираше здравиот начин на исхрана на основците, потребата од правилно комбинирање на прехранбените продукти и почитување на калорискиот внес на храна.

 

Професионален нутриционист на учениците им одржа час за здрав начин на исхрана, на кој им ги презентираше позитивните и негативните ефекти од исхраната. На предавањето беше потенцирано дека здравите шеќери и здравите масти кои ги има во овошјето и јаткастите плодови, се преферирани прехранбени продукти, за разлика од производите во кои има рафинирани шеќери и масти.

Основците кои присуствуваа на овој наставен час, интерактивно се вклучија во дискусијата, меѓутоа, интенцијата на проектот преку УНИЦЕФ програмата е нивно вмрежување со други деца ширум светот и размена на искуства и знаење за потребата од здрава исхрана.