На површина од 11.000 квадратни метри, граѓаните на Општина Карпош, поточно од населбата Карпош 3 добија нов спортско – рекреативен центар во училишниот двор на ООУ „Лазо Трповски“. Овој простор, повеќе години делуваше запуштено и неуредено иако е дел од урбаното јадро на општината.

Овој центар, вчера, беше отворен со  голема маалска дружба Негова цел е да понуди содржини за повеќе генерации на граѓани.

 

Содржинскиот дел на спортскиот центар го исполнуваат терените за кошарка, фудбал, ракомет, сервис, фитнес зона, детско игралиште, како и новозасадени дрвја, тревна површина, систем за наводнување, лед светилки, клупи и корпи за отпадоци.

 

Преку вчерашната маалска средба и дружење најнепосредно се покажа како може и како треба да се користат овие јавни површини. Младите спортуваа, децата, барем за момент се вратија во училишните дворови и правеа џагор, а повозрасните уживаа во македонските евергрини и мелодии за Карпош и Скопје.

 

Во изјавата за медиуми, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека заштитата на јавниот простор е еден од приоритетите на локалната самоуправа. Си поставивме цел трајно да ги разубавиме површините меѓу зградите, со цел да се надомести штетата од агресивната и непланска урбанизација:

 

  • Среќен сум што вечерва гледам дека оваа зона ја користат сите генерации на граѓани: младите, средновечните, највозрасните. Меѓугенерациската дружба е значаен сегмент од животот на секој човек, а во време на светска пандемија и намалени контакти, овој тип на зони во голема меркапомагаат за социјализација на карпошани и одржување на позитивниот дух, рече Богоев.

 

Во рамки на настанот фитнес час одржаа и тренерите од спортското здружение „ТАКТ“. Ученици, пак, на поставените штафелаи го изразуваа својот талент за цртање, а имаше и изложба на цртежи на тема „Зелен Карпош“.