Вкупно 110 социјално – загрозени домаќинства во Карпош денеска добија социјални пакети (прехранбени продукти и средства за хигиена), во пресрет на Денот на Општина Карпош- 3 Ноември.

Хуманоста и солидарноста се вредности кои ги негува и практикува локалната самоуправа.

Во изминатиот период, карпошани донираа продукти во рамки на акцијата „Донирај – подај рака, за твојот сосед“, а денеска овие производи беа поделени во повеќе урбани заедници. Станува збор за симболична поддршка, која сепак го олеснува секојдневието на граѓаните. Локалната самоуправа системски делува и ги помага ранливите групи, со доделување на еднократна парична помош, одвојување на буџетсаки средства во случај на пожар или поплава, еднократна помош за новороденчиња и сл.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев истакна дека оваа година сите талентирани ученици и спортисти, независно дали се од социјално – загрозени семејства или не заедно беа на одмор.

 

  • Сите заслужуваат исти шанси и затоа треба сите заедно да се бориме за справување со сиромаштијата. Значајно е и зголемувањето на минималната плата, која сега изнесува 14.500 денари, а 30.000 семејства во државата добиваат и повисока социјална помош. Овие реформи на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) овозможуваат постепено граѓаните да „излегуваат“ од маргините на општеството, рече Богоев.

 

Општината аплицираше и на повикот за социјални улуги на МТСП – грижа и нега во домот на стари и изнемоштени лица. Преку овој проект ќе се овозможи зголемена поддршка на повеќе домаќинства, а за испорачување на услугата ќе се ангажираат и невработени лица, кои соодветно ќе бидат обучени за да да пружат нега во домовите на граѓаните кои им е неопходна таква поддршка.

Со ова се постигнува двојна цел: ќе имаме згрижени граѓани, но и ангажирани невработени лица, кои ќе излезат на пазарот на трудот, кои патем ќе имаат приход и ќе бидат поконкурентни.

Локалната самоуправа продолжува да се грижи за најранливите категории граѓани, а овие хуманитарни акции ја симболизираат, меѓудругото, и смислата на  нашето постоење.