Денеска, градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев подели дел од пакетите со прехранбени продукти, кондиторски производи и средства за хигиена на социјално – загрозените домаќинства од Карпош. Оваа активност е во рамки на акцијата „Да бидеме хумани за нашите соседи” која неодамна се одржа по 22-ри пат на десет пункта низ Општината пред поголемите маркети.

Во урбаните заедници, во Карпош 2, Владо Тасевски и Влае градоначалникот Богоев ги додели социјалните пакети донирани од карпошани на кои им се заблагодари за големата хуманост.

Сепак, како што изјави првиот човек на локалната власт крајна цел е проблемите да се решаваат системски, да се справиме со сиромаштијата и невработеноста која е присутна и на локално ниво.

-Овој вид на хуманитарни активности се добредојдени, но, се надеваме дека во иднина поретко ќе ги организираме бидејќи работиме на тоа да обезбедиме достоинствен живот и егзистенција за поголемиот дел од нашите сограѓани, напомена Богоев.

Присутните граѓани се заблагодарија за помошта, и  во оваа пригода посочија на дел од своите проблеми кои се однесуваат на невработеноста и нивниот нерегулиран статус во врска со тоа.

Богоев најави дека претстојат сериозни разговори со Министерството за труд и социјална политика и министерката Мила Царовска, со цел Општина Карпош да се вклучи во поддршката на социјално – загрозените граѓани преку конкретни проекти и активности.