На вечерашниот дерби натпревар во рамки на првото коло од домашната Прва лига, кошаркарите на Карпош Соколи на гости во салата „Јане Сандански“ го совладаа својот ривал, тимот на МЗТ Скопје со резултат 85:83. Предводник до оваа голема победа за карпошани беше Дарко Соколов со постигнати 19 поени и седум асистенции. Одлична игра прикажаа и Жарко Чомагиќ со реализирани  16 поени, како и Џејсон Браун со 15 поени. Од останатите соиграчи, двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Кирил Николовски со 12 и Драган Лабовиќ со 11 поени и седум скокови.

Од самиот почеток, „соколите“ одиграа концентрирано во нападот и координирано во одбраната. Таквата игра резултираше со континуирано водство во текот на целиот натпревар. 

Во третата четвртина, избраниците на тренерот Борче Даскаловски ја постигнаа најголемата разлика на мечот од  18 поени (54-36), водство кое умешно го задржаа до самиот крај. Во следното коло на домашен терен во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“,   Карпош Соколи ќе го пречека составот на КК Струмица Мечот ќе се одигра  в сабота со почеток во 15 часот.