На   шеесет и втора седница на Советот на Општина Карпош, советниците расправаа по осум предлог точки. Во период кога загадувањето на воздухот покажуваше најмала вредност на загаденост во Општина Карпош, во споредбен однос со другите локални самоуправи, кои се наоѓаат на територијата на Градот Скопје, сепак оваа тема околу аерозагадувањето беше главна на денешната седница.

И покрај тоа, што имаше обид за непартизирање на оваа тема, која ги засега сите граѓани на локалната самоуправа, без разлика на нивната припадност, советниците од  редовите на опозицијата , со паушални и партизирани обвинувања, се обидоа  вината за загадениот воздух да ја префрлат  врз општинските служби. 
 
Првиот човек на Општината, истакнувајќи дека оваа тема е актуелна не само во Општина Карпош, туку и во многу други Општини, како во градот Скопје, така и ширум Република Македонија, напомена дека Карпош, со сопствени буџетски средства ангажира хигиеничари, кои се грижат за чистотата на улиците во Општината, и дека само минатата година, се заседени преку 3500 дрвја и садници во парковите, и училишните дворови.
 
– Како локална самоуправа, сме ретки, кои имаат Сектор екологија, како посебен секторски орган, кој се грижи за животната средина. Засадивме цвеќиња со жардиниери долж булеварот ,, Партизански одреди“, со што придонесуваме во прочистувањето на воздухот. Секоја година, од наши општински средства засадуваме дрвја и садници, и на тој начин го зголемуваме зеленилото во Општината, и директно помагаме во подобрување на амбиенталниот воздух во нашата локална самоуправа, дециден беше Јакимовски.
 
На оваа седница, со свое експертско излагање пред присутните советници, се обрати и стручното лице Бранко Анѓелески, кој 10 години се занимава стручно со темата околу загадувањето на воздухот. Егзактните истражувања, кои ги презентираше Анѓелески, укажуваат дека огромен удел во загадениот воздух во Општина Карпош, има соседната Општина Ѓорче Петров, на која се наоѓаат индустриски објекти. Исто така, чадот кој се испушта при затоплување на домаќинствата со дрвна маса, придонесува во најголем процент на загадување на воздухот, а фактичката состојба на терен укажува дека преку 90 % од домаќинствата во Ѓорче Петров се грејат на дрва. Ова стручно лице, истакна дека загадувањето на воздухот конкретно во Општина Карпош е предизвикано пред се од фактори кои се надвор од територијата на локалната самоуправа, за кои Општината нема ингеренции.
 
Незадоволни од приложените факти, од страна на стручното лице, и градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, советниците од редовите на опозицијата ја напуштија седницата. По нивното напуштање, останатите советници ги изгласаа и останатите точки на дневниот ред. Предлог програмата за изменување и дополнување на Урбанистичкото планирање за 2017 година, како и Предлог програмата за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Карпош од областа на Културата за 2017, советниците ги усвоија. На денешната седница на дневниот ред се изгласа и Одлуката за набавка на две половни товарни возила со хидраулични корпи, како и се усвои Извештајот за реализација на програмата за работа на Советот на Општина Карпош за 2016 година.