По повод грубите лаги, дезинформации и шпекулации кои советничката група на СДСМ во Општина Карпош ги пласираше во јавноста во однос на донесените ДУП-ови на последната одржана седница на Советот на Општина Карпош на 05.01.2016 година, денес пред просториите на Општината, советникот во Општина Карпош и координатор на советничката група на ГРОМ  Горан Михајлов, даде изјава за медиумите. Во својот исказ тој нагласи дека донесените Урбанистички планови се изгласани во најтранспарентна и законска процедура поминувајќи ги претходно сите институционални филтри. Во времето кога Андреј Петров беше градоначалник на Општина Карпош, а Трифун Трифуновски претседател на Советот, беа донесени повеќе од дваесет Урбанистички планови, додека во изминативе три години мандат на советничката коалиција меѓу ГРОМ и ВМРО-ДПМНЕ се донесени четири, па доколку носењето на нови Урбанистички планови СДСМ го смета за криминал, нека погледне колкав криминал правел во минатото.

 

–                    Дваесет и седум институции ги прегледаа Деталните Урбанистички планови и констатираа дека истите се во согласност со сите законски и процедурални прописи. Претходно засегнатите граѓани беа информирани и анкетирани и дадоа согласност за носењето на овие ДУП-ови, со кои ќе се подобри инфраструктурното, урбанистичкото и целокупното живеење во Општина Карпош, дециден беше Михајлов.

 

Во своето обраќање до медиумите советникот во Општина Карпош од редовите на ГРОМ, Горан Михајлов, исто така укажа дека донесувањето на овие ДУП-ови се случило во работен ден, во претходно утврдена законска постапка, и напомена дека советниците од редовите на СДСМ на комисиските расправи не истакнале и упатиле никаква забелешка по однос на истите.

 

Стевчо Јакимовски кој со своето работење ја направи Општина Карпош најубава и најурбана општина на просторите на Југоисточна Европа, секојпат, така и сега ќе работи во интерес на граѓаните и нивните потреби, заклучи советникот Михајлов.