И покрај тоа што денеска е празничен ден (Бадник), дежурните комунални служби кои ги ангажираше Општина Карпош, работат на расчистување на улиците низ кои беше отежнат сообраќајот, поради синоќешните снежни наноси.

Со неколку специјализирани возила, зимските служби ги расчистија улиците Прашка, Варшавска и Ловќенска бр. 1, 4 и 9. Денеска се работеше и на чистење на потешко пристапните точки, на потегот помеѓу патот за Пантелејмон и населбата Трнодол. По интервенцијата на комуналните работници, сообраќајот се одвива непречено и во населбата Жданец, како и во целото населено место Бардовци. Во моментов, специјалните возила ги расчистуваат улиците Разловечко Востание, Никола Русински и Букурешка. Веднаш потоа, дежурните служби ќе се упатат кон населбата Тафталиџе 2, каде ќе интервенираат на улиците Осло, Будимпештанска, Софијска и Женевска. Со истата динамика, зимските служби ќе го расчистуваат теренот во населбата Влае, поточно на улиците Есперанто, Франце Прешерн и Иван Цанкар. Во населбата Карпош 4 сообраќајот се одвива во најдобар ред, откако со употреба на поголема количина на сол и ризла, беа исчистени двете најпрометни собирни улици, Волгоградска и Карпошово Востание. Општина Карпош е задоволна од навремената интервенција и професионалниот ангажман на зимските служби и во оваа пригода уште еднаш апелира до карпошани да ги отстранат своите возила, за да можат комуналните служби непречено да ја извршуваат својата работа.