Со прекрасна рецитал – изведба на народни песни од фолклорното македонско творештво, хорот „Серенада“ ги забавуваше присутните гости  оваа вечер на  Карпошовото културно лето. Пензионерите –хористи ги собраа аплаузите на отворената сцена на платото во Т Ц „ Лептокарија“, како од повозрасната генерациска публика, така и од помладите жители на Општина Карпош. Со хорската рецитација на „ Биљана платно белеше“ , „ Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ , „ Зурли трештат на сред село“, како и безвременската „ Серенада“, овој хорски состав им приреди   незаборавна вечер на карпошани.

Вистинското летно уживање на оваа културна карпошова манифестација го продолжија Влатко Груевски ( тенор ) и  Андреј Наунов ( пијано) . Тенористот Груевски и пијанистот Наунов на присутните карпошани им  овозможија пријатна ѕвездена карпошова ноќ со наполитански песни. Овој вид на музички жанр кој е со карактеристична медитеранска мелодија, пишуван исклучиво на наполитански дијалект е популаризиран стил во 19-тиот и особено во 20 –тиот век, најпрво во Италија, па потоа и на северно-американскиот континент од страна на неаполците доселени таму. „ Santa Lucia“, „ Maria Mari“, „Luna Rosa “, како и светски познатата наполитанска нумера „ О sole mio“ беа дел од репертоарот на музичко-уметничкиот двоец, кој на гостите  оваа вечер им подарија вистински  „ наполитански коцерт“.