Денеска, во амфитеатарот на Технолошко- Металуршкиот факултет, со почеток од 14:00 часот, претседателот на Советот на Општина Карпош Сашо Лазаровски, ја отвори 46 седница. На истата, советниците од Општина Карпош расправаа по 14 предлог точки.

Најдолга и најспорна предлог точка на која се дискутираше беше Предлог- Одлуката за изградба на затворени базени во општинските основни училишта на територијата на Општина Карпош, на која советниците од редовите на опозициската коалиција, не гласаа за, односно се изјаснија воздржани. Ваквата предлог одлука има за цел да се изградат затворени базени во училиштата во Карпош, со што директно ќе се помогне во подигањето на здрави генерации деца уште од најрана возраст.

Со тоа Општина Карпош ќе биде првата општина на територијата на Република Македонија која со сопствени средства ќе го овозможи овој бенефит за учениците.

На дневниот ред беше изгласана и Предлог- Одлуката за изградба на спортска сала во која ќе се реализираат спортските успеси на тимовите од Општина Карпош. На оваа 46 седница исто така беа изгласани и Предлог- Одлуката за реконструкција на фасадите на колективните згради на територијата на Општината, со што ќе се подобри естетскиот изглед и функционалноста за домување на граѓаните и Предлог Одлуката за обезбедување на бесплатен паркинг простор за станарите на зградата на улица ,, Манапо’’,  бр. 4 населба Карпош 3, на паркинг просторот на трговскиот центар Скопје Сити Мол, со што Општината ќе го реши и овој проблем на граѓаните кои живеат во овој дел на Општина Карпош .

Во тензична атмосфера поминаа дискусиите по речиси сите точки на дневниот ред, за кои речиси без исклучок , советниците од опозициската СДСМ имаа негаторски став, без оглед колку бенефит тие носат за граѓаните на Карпош. Сепак, врв на тензијата беше кога советничката од СДСМ Магдалена Несторовска, злоупотребувајќи ја функцијата на помошник министер во МВР упати јавно, од говорницата на Советот, директни закани за апсење на високи функционери во Општината Карпош и куп навреди за локалните власти.

На ваквиот испад регираше градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, кој реплицираше дека ако СДСМ сака да се бави со криминал треба да се насочи кон Беќир Асани, на кого треба да ја демонстрираат својата сила и закани за апсења, а не да премолчуваат насилство и да напаѓаат Општина која најинтензивно се гради и работи во полза на сите граѓани.