Утре ( 24.03.2018) сабота, со почеток од 17:00 часот во хотелот „Александар Палас“, ќе биде отворен големиот шаховски турнир „ Карпош Опен 2018“.

По осми пат, врвни европски и светски шахисти ќе се натпреваруваат за награден фонд од 10.200 евра.

Во организација на шаховскиот клуб „ Гамбит Асеко СЕЕ“ и Општина Карпош, една недела, светската шаховска елита ќе се „ надмудрува“ со потези во „битката на умовите“ на 64 црно-белите полиња, токму во Карпош. Овој шаховски турнир, низ годините прерасна во реномиран и респектиран турнир и се вбројува меѓу 10-те најуспешни во Европа.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев симболично ќе го отвори овој турнир на „ древната игра“, со што ќе им посака пријатен престој во Република Македонија на шахистите, и возбудливи шаховски натпревари. Турнирот ќе трае до 31.03.2018.