Општина Карпош работи на реконструкција на тоалетите и подобрување на хигиенско – санитарните услови за најмладите, во основните училишта „Лазо Трповски“ (Карпош 3) и „Владо Тасевски“ (Козле).

 

Имено, се врши замена на санитарните јазли и на други придружни елементи во тоалетите. Исто така, во основното училиште „Христијан Тодоровски – Карпош“ (Карпош 1), локалната самоуправа врши реконструкција на под на една училница, која повеќе години беше во лоша состојба.

 

Подобрувањето на условите  за престој и работа во образованието е еден од приоритетите на Општина Карпош. Паралелно, вложуваме и во раззеленување на училишните дворови. Токму „Х.Т.Карпош“ добива ново зеленило и стаклена градина, а поставен е систем за наводнување и нова тревна површина и во „Петар Поп Арсов“ (Карпош 4).

 

Во овие моменти, активен е и јавниот повик за проекти во повеќе области во сферата на образованието, каде што можат да аплицираат физички и правни лица.