По повод 50 годишнината од одбележувањето и постоењето на Општина Карпош, денеска, градоначалникот Сотир Лукровски и претставници од Одделението за детска, здравствена и социјална заштите ги посетија граѓаните кои престојуваат во домот за стари лица ,,Мајка Тереза” во Бардовци. Во духот на почитта, грижата и меѓугенерациската солидарност, Лукровски им посвети внимание и почит на штитениците во домот. Тој ги поздрави и им порача да бидат секогаш позитивни и среќни што за нив се грижат на најдобар можен начин.

 

  • „Оваа година нашиот Карпош слави 50 години од своето основање и како што налага нашата традиција, денеска се дружиме со нашите постари сограѓани. Сакам да потенцирам дека нашата соработка ќе продолжи и во иднина и во таа насока да се стремиме кон подобрување на условите за вашиот престој во оваа установа. Водно ви ветувам дека ќе сториме се што е во наша можност да ви го олесниме секојдневието. Да сте ми живи и здрави, ми претставува особено задоволство кога сум меѓу вас и да се гледаме заедно уште многу пати“ – истакна градоначалникот Лукровски.

 

     Во рамки на посетата се приклучија и дечињата од градинката ,,Пролет”, кои се претставија со неколку музички точки, внесувајќи детска радост и ведрина. Како знак на внимание, штитениците од локалната самоуправа добија лични пакети со кондиторски производи, а за прв пат оваа година Општината донира волница наменета за потребите на креативните работилници за плетење. Преку оваа донација, Општина Карпош има за цел да го поттикне креативното изразување како и социјализацијата и дружбата на штитениците од домот ,,Мајка Тереза”. Во таа насока, рачните изработки како капи, шалчиња, лампиони од волна и други уникатни предмети, ќе се продаваат на хуманитарни празнични базари.

    

     Општина Карпош уште еднаш ја потврдува важноста за грижата на повозрасните сограѓани и негувањето на меѓугенерациските врски.