По организирањето на спортски настани, есенско чистење на Општина Карпош, крводарителна акција и дузина други манифестации по повод јубилејот на Карпош, денес,  вработени од Одделението за детска, социјална и здравствена заштита, предводена од градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, посети неколку социјално загрозени семејства.

Едно семејство во населбта Злокуќани,  и три семејства во Бардовци, добија од градоначалникот Јакимовски хуманитарни пакети со кондиторски и прехранбени продукти, како и средства за лична хигиена кои им беа дадени на  социјално загрозените семејства  со цел да им  се олесни нивната тешка материјална состојба. Првиот човек на локалната самоуправа Јакимовски , напомена дека Општина Карпош традиционално им помага на социјално загрозените семејства кои се наоѓаат на територијата на Општината:

 

–                    Морам да потенцирам дека на терен се соочуваме со различни животни приказни, односно лични човечки проблеми, и максимално се трудиме да им помогнеме и  да ги решиме. Се сретнавме со самохран татко кој има три деца кои се занимаваат со прибирање на секундарни суровини за да обезбедат егзистенција. Нашата намера е да му помогнеме на ова семејство, децата да ги запишеме во училиште, и да им обезбедиме една посветла иднина. На  друго семејство  кое има лице со посебни потреби му помагаме на начин што им ги олеснуваме административните лавиринти,  со цел да добие соодветна социјална помош. Исто така, ги советувавме нашите граѓани како да постапат при имотно-правна делбена постапка, која не е во наша општинска, туку во судска надлежност, бидејќи не се запознати целосно со административните процедури, образложи првиот човек на Карпош Стевчо Јакимовски.

 

На крајот, градоначалникот Јакимовски со општинската администрација го посетија инклузивниот центар за деца од Бардовци и Злокуќани ,, Монтесори“, поддржан од Општина Карпош, кој  се наоѓа во ООУ ,, Аврам Писевски“.

 

–                    Овој центар веќе постигнува одлични резултати со учениците, и веќе од деца кои  биле на социјалните маргини и немале можност за наобразба, сега имаме деца кои ја владеат азбуката, бројат, и се подготвени за училишна настава. Токму ова ми претставува големо задоволство, бидејќи овие деца ќе ги насочиме кон една посветла иднина, и ќе ги  отстраниме од  девијантни појави, кои можат да им го загрозат животот, изјави Јакимовски.