Вечерва, на спортското игралиште во населбата Козле (кај Средното угостителско училиште), градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев заедно со претставници од Полициска станица Карпош и СВР Скопје одржаа средба со граѓаните од урбаните заедници Кузман Јосифовски – Питу (КЈП) и Пецо Божиновски-Кочо (ПБК).

На средбата се разговараше за безбедноста во овој дел од Карпош. Претставниците од ПС Карпош и СВР Скопје, имаа можност да се запознаат со покритичните локации во овие населби, со цел да се преземат активности за заштита на јавниот ред и мир и зголемена безбедност на сите граѓани.

Градоначалникот Богоев говореше за проектите кои веќе се реализираа во овие населби или се во процес на реализација.

Во изминатиот период, во Козле се изврши санација на детското игралиште спроти Веро 2, кое денес е опремено со нови реквизити за деца, изработени од еко-материјали, кои се безбедни за користење. Во оваа населба исто така, започнува и реконструкција на улицата Козле бр. 3.

Богоев се осврна и на клучните проекти кои се во фаза на реализација за Козле, Жданец и Трнодол.

 Имено, претстои целосна промена на домашните водомери за домаќинствата од Жданец и Трнодол, со нови, ултразвучни. На аголот меѓу овие населби, Општината подготвува и проект за нов зелен урбан сквер.

– Примарната цел е да го разубавиме просторот кој сега е запуштен. Ќе го зголемиме зеленилото и ќе поставиме содржини кои ќе можат да ги користат сите граѓани, во периодот за рекреација и дружба – рече Богоев.

Проблемот со поплавување на дел од улиците во Козле после секој пороен дожд, ќе биде надминат, со темелно чистење на двата канали во Нерези кои предизвикуваат потешкотии и за овој дел од Карпош.

Во интерактивниот дел, граѓаните се интересираа за решавање на проблемот со „дивите” пазарџии, при што, добија убедување дека конечно ќе бидат дислоцирани преку координирана акција на надлежните органи.

На вечерашната средба со граѓани присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Карпош, Андреј Манолев, како и дел од советниците.

Локалната самоуправа и понатаму ќе опстои на својата заложба за постојани средби со граѓаните низ сите урбани заедници, со цел, детално да се запознае со проблемите и потребите на карпошани.