Продолжува подобрувањето на инфраструктурата во Општина Карпош. Денеска, во соработка со ЈП „Улици и патишта“ се асфалтираше улицата „Јуриј Гагарин” 6, во населбата Козле. Станува збор за реконструиран коловоз во должина од 35 метри.

На заедничка прес конференција, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и директорот на ЈП Улици и патишта, Сенад Смаиловиќ се осврнаа на поголемиот број инфраструктурни зафати кои се реализираа во Карпош.

– Во изминатава недела, со ова јавно претпријатие преку Договорот за меѓуопштинска соработка го направивме и пристапниот пат кај комплексот згради Порта Козле. Овој пат претставуваше вистинска потреба за граѓаните од овој дел на Карпош, со цел да им се олесни пристапот до нивните живеалишта, но и да се зголеми безбедноста на целиот потег, рече Богоев.

Исто така, се обезбеди и инфраструктурно поврзување на сервисната улица „Прашка”, со булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов”, во населбата Тафталиџе, со што се обезбеди поголема сигурност и пристапност за граѓаните кои живеат во овој дел од Карпош.

Смаиловиќ потенцираше дека ЈП „Улици и патишта“ ќе ја продолжи соработката со Општина Карпош и во другите урбани заедници.