Започнаа изведбените активности за реконструкција на платото меѓу зградите на улицата „Московска“,  во близина на пазарчето Тафталиџе.

Во тек е реконструкција на партерниот дел, кој е со површина од околу 700 м2, каде што старата и оштетената бетонска подлога ќе се замени со бекатон плочки.

 

На овој начин, ќе се подобри пристапноста во овој дел од Карпош, кој е прилично фреквентен и каде што работат повеќе маалски продавници и маркети.

 

Исто така, покрај инфраструктурата, предвидена е изведба и на нови сливници, низ кои се апсорбира водата од теренот.

Овие градежни активности се очекува да завршат до крајот на летото и за истите се одвоени околу 1.150.000 денари (со вклучен ДДВ) – средства од Буџетот на општина Карпош.

 

Во текот на минатата година, општина Карпош целосно го раззелени и овој дел меѓу зградите. Беа засадени нови висококвалитетни дрвја, украсни растенија, а беше поставен и нов систем за наводнување.

 

Ги замолуваме сите жители кои живеат во околните згради, како и другите минувачи, да имаат разбирање и трпение додека траат инфраструктурните активности.