Првпат после 41 година, Општина Карпош ќе ја реконструира детската градинка „Орце Николов”, која се наоѓа во населбата Карпош 4.

По тој повод, денеска градоначалникот на Општина Карпош одржа прес-конференција за медиумите, пред кои ги изнесе деталите за овој капитален проект. – Изградбата на овој објект датира од далечната 1976 година, па затоа локалната самоуправа во соработка со ЈОУДГ „Орце Николов” презедоа иницијатива за менување на сите прозорци, ролетни, врати, подот и ентериерот во оваа предучилишна детска установа. За оваа инвестиција, Општина Карпош од својот буџет обезбеди парични средства во висина од 4.333.000 денари. Пред извесно време, интензивно се работеше и на реконструкција на делот од покривот на градинката – истакна Јакимовски. Општинскиот татко, Стевчо Јакимовски, најави дека во наредниот период следува реконструкција на фасадата на оваа градинка, односно поставување на термичка фасада. – Заедно со оваа интервенција, висината на инвестицијата која ќе ја реализира Општина Карпош ќе достигне до 7.000.000 денари. Со тоа, најмладите карпошани ќе учат во урбани услови кои ги задоволуваат високите стандарди за престој во градинките – посочи Стевчо Јакимовски. Првиот човек на Општината, најави дека во план е наскоро да се започне со реновирање на уште три претшколски објекти кои се наоѓаат во населбите Тафталиџе 1 и Тафталиџе 2. – За нив распишавме два тендера, меѓутоа фирмите бараат многу повеќе пари отколку што Општината предвидела со буџетот. Затоа е потребно да направиме ребаланс на буџетот и откако ќе го сториме тоа, влегуваме во фаза на реконструкција на трите градинки од темел- објасни Јакимовски.