Во текот на летото ќе започне реконструкцијата на улицата „Варшавска“, во Тафталиџе 1, на потегот од бул. „8 Септември“ до ул. „Париска“ (кружниот тек кај гимназијата „Георги Димитров“).

Со цел реконструкцијата да се одвива побрзо, а и подоцна да не се јави потреба од дополнителни инфраструктурни активности, во моментов се работи и на нова водоводна и фекална мрежа на овој потег, а нарачател на проектот е ЈП „Водовод и канализација“.

При денешниот увид на терен, градоначалникот Стефан Богоев посочи дека Тафталиџе 1, во изминатиот период, било најпогодено од непланската и агресивна урбанизација.

 

–                    Се градеа нови згради, а притоа не се размислуваше за инфраструктурата. Коловозот и тротоарите на „Варшавска“ ќе ги реконструираме, а добро е што добиваме и нова водоводна мрежа, како и фекална канализација, токму во овој дел од Карпош. Исто така, во моментов се работи и на атмосферската канализација во Криви Дол, место кое со години инфраструктурно беше отсечено од Карпош, рече Богоев.

 

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски посочи дека трајно и системски се рашава проблемот со водовната мрежа во овој дел од Карпош, со тоа што водоводната линија е во должина од 130, метри додека новата фекална канализација ќе се изведува во должина од 204 метри.

 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов се осврна на фактот дека граѓаните на главниот град пијат квалитетна вода, а потсети и на инфраструктурните зафати на градот ова лето.

Во Карпош заврши реконтрукцијата на градската улица „Љубљанска“ (пред Сити Мол), во моментов се реконструираат делови од бул. „Партизански одреди“, а наскоро ќе започне и обновата на улицата „Московска“.