Општина Карпош денеска го издаде новиот број од своето општинско гласило „Карпош Ин“. Новиот ребрендиран магазин ќе излегува еднаш месечно, во тираж од 20.000 примероци, со информативна и забавно-едукативна содржина на 44 страници, печатени на  100 % рециклирана хартија.

Магазинот ќе биде дистрибуиран до граѓаните на Општина Карпош, веќе од вторник, (26.06.2018), преку канцелариите на урбаните заедници.

Покрај визуелниот изглед, направени се целосни промени и во содржинскиот концепт на магазинот, во кој се овозможува повеќе простор за граѓаните на Карпош, да говорат за својата општина. Голем број на интелектуалци, граѓански организации, истакнати карпошани и граѓани ја споделуваат визијата за развој на Карпош.

Во овој број, читателите ќе имаат можност да се запознаат со ставот на неформалната група „На Точак“ и нивната визија за подобрување на велоинфраструктурата во Општината и градот Скопје.

Исто така, професорката Синоличка Трпкова преку својата авторска колумна, ретроспективно  го опишува маалскиот живот и спомените од нејзиното време во населбата Влае.

 Со цел да се заштитиме од главоболката, во рубриката здравје пишува доц.  д-р Татјана Чепреганова – Чанговска (Аџибадем Систина).

Во воведникот на магазинот, свое обраќање има и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев кој вели:

 – Се надевам дека секој карпошанин ќе најде свој омилен сегмент, рубрика од магазинот. Секој од вас ќе се пронајде во сториите во кои доминираат голем број на лични моменти, емоции, егзактни податоци, страст, критика, револт…

Ја постигнавме целта, да добиеме 44 страни вистина, а не маскирана реалност, пишува Богоев.

Во магазинот преовладуваат и повеќе авторски текстови, при што темата на бројот е поврзана со урбанизацијата на Карпош. Намерата е овој магазин да биде сеопфатен и на вистински начин да го одразува лицето на Карпош.

Локалната самоуправа покажува интерес за поинтензивна соработка и со бизнис заедницата, при што, во општинското гласило се вметнати и рубрики за промоција на локалните мали и средни претпријатија, угостителски објекти и сл.

Читателите имаат можност да се уверат и во минималистичкиот дизајн на магазинот каде што до израз доаѓа квалитетната фотографија, а истиот поттикнува и двонасочна комуникација со читателската публика.