Едукативен прирачник во форма на приказна за деца со Даунов синдром, денеска беше презентиран во ООУ „Јан Амос Коменски“. Автор на оваа сликовница-едукативен прирачник е Мимоза Петревска Георгиева, мајка на ученичката Илина, дете со Даунов синдром, која е деветто одделение во „Јан Амос Коменски“ и е главен лик во приказната.

Приказната за Иван и Илина ја слушнаа поголем број на ученици од ова училиште, во присуство на нивните родители, дефектолозите и наставниот кадар, како и гости од Општината. Изготвувањето на оваа сликовница е инспирирано од секојдневниот живот на Илина, посебно оној дел кој го минува во училиште, како и од односот со нејзините соученици и наставници.

 

Оваа сликовница ќе има за цел да го олесни воспитно – образовниот процес на децата со Даунов синдром и лицата со посебни потреби и истите на полесен начин да се вклучат во наставата.

Содржината на овој прирачник ги поттикнува сите ученици да бидат отворени и да имаат разбирање за различностите околу себе – затоа што сите сме различни.

 

На денешната презентација присуствуваше и градоначалникот на  Општина Карпош, Стефан Богоев кој се осврна на повеќе аспекти.

 

–          Општината ќе продолжи да работи на унапредување на статусот на лицата со посебни потреби. Секој од нас е различен и како такви треба да се прифаќаме затоа што другарството е сé.

Навистина ме радува енергијата на учениците на децата со Даунов синдром и еланот на нивните родители и асистенти, затоа што само заеднички можеме да создадеме подобри услови, рече Богоев.

 

Во основното училиште „Јан Амос Коменски“ е отворена и првата сензорна соба (просторија за деца со посебни потреби), со што се овозможува полесна нивна адаптација. Градоначалникот Богоев посочи дека во текот на следната недела, нова сензорна соба ќе добие и основното училиште „Димо Хаџи Димов“, во Влае.