Општина Карпош наскоро ќе обезбеди уште една социјална услуга за помош и поддршка на деца со пречки во развојот. Се работи на адаптација на посебен простор во рамки на ООУ „Вера Циривири – Трена“, каде што во соработка со Македонското Монтесори Здружение, најмладите ќе имаат можност да се подготват за полесно вклучување во воспитно – образовниот процес.  Услугата подразбира обезбедување на стручна помош и поддршка преку индивидуален третман и психосоцијална поддршка на деца со  попреченост и нивните семејства на територијата на Општина Карпош,  преку примена на Монтесори методот и други современи терапевтски техники. Поддршката ќе ја обезбедува тим од специјални едукатори, психолог и социјален работник. За овој проект се користат средства од Светска банка, а истиот се спроведува преку Министерството за труд и социјална политика.

На 03. декември – Светскиот ден на лицата со попреченост потсетуваме дека борбата за подобра инклузија и едукација е секојдневна. Нема друга алтернатива освен системски и трајно да се унапредуваат правата на овие лица во заедницата.

Локалната самоуправа изминатиов период поддржа и отворање на сензорни соби во рамки на основните училишта, инклузивни игралишта по населбите (Карпош 2 и Влае 2), а одвои и буџетски средства за лични и образовни асистенти за учениците со попреченост. На овој начин, се овозможува полесно следење на наставата и вклучување во образованието и социјалниот живот и на овие граѓани.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев во своето обраќање по повод денешниот ден истакна дeка секој од нас е различен, но сите споделуваме заеднички проблеми:

  • Светскиот ден на лицата со попреченост само нѐ потсетува на борбата да градиме поправедна и уште поинклузивна заедница.Другарчето кое можеби ти изгледа поинаку, има само поинаква потреба од тебе. Оној кој говори побавно или потешко, има само друг начин на изразување. Лицето кое е во количка, исто така има друг начин на движење. Да бидеме отворени, да ги прифаќаме различностите! Затоа што единствената попреченост е лошиот став, рече Богоев.

Општината денеска исплати и еднократна финансиска помош од 3 илјади денари, за вкупно 154 граѓани со попреченост, кои живеат на територија на Карпош. Ова е само симболична помош и признание за нивната борба.

А, како локална самоуправа продолжуваме да ги унапредуваме нивните права, но и да овозможуваме нови услуги, со цел уште помалку да се чувствуваат институционалните бариери и пречки за овие лица.