Заради изработка на документ за оценка на проектот за изградба на градинка во населено место Бардовци, во понеделникот, претставници од  тимот на ЦеПроСАРД,  ангажирани од МСИП проектот при Министерството за финанси, ја посетија општина Карпош.

Беа остварени одделни средби со градоначалникот на општината Стевчо Јакимовски, членови на општинскиот совет, граѓани од населеното место Бардовци и Злокуќани и општинската администрација. Целта на разговорите е утврдување на приоритетите и потребите на граѓаните во областите кои се под ингеренција на општината, односно утврдување на реалните потреби од изградба на градинка во населеното место Бардовци.

По работната средба, активностите продолжија на терен каде на лице место беше направен увид во фактичката состојба. Изградбата на градинката  на нова локација во непосредна близина на ООУ„Аврам Писевски“ овозможува функционално решавање на просторот и згрижување на 78деца. Ова е најбрзиот начин да се обезбеди квалитетен објект со подобрена енергетска ефикасност за згрижување на децата од две до шест години. Во исто време, изградба на зграда со користење на мерки за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија е во согласност со стратешката определба за енергетска ефикасност на општина Карпош.

Проектот ќе се финансира од  компонентата инвестициски грантови од ИПА финансирани од страна на ЕУ преку МСИП проектот за подобрување на општинските услуги.