ПРОФЕСИОНАЛЕН ПРИСТАП ЗА КАРИЕРЕН РАЗВОЈ НА ОСНОВЦИТЕ ОД КАРПОШ
- април 14, 2026
- 0
Општина Карпош е првата локална самоуправа во Македонија, која во соработка со Асоцијацијата на советници за развој на кариера (АСК), ќе започне со реализација на проектот „Кариерен избор без ограничување“, кој е насочен кон зајакнување на институционалните капацитети во основните училишта на своја територија. Целта на оваа иницијатива е системско интегрирање на родово-сензитивното кариерно советување, во наставата и воннаставните активности. По тој повод, градоначалникот Сотир Лукровски, Секретарот Мирјана Пехчевска и претставници од општинската администрација, минатата недела одржаа координативен работен состанок со кариерниот советник од АСК, Славица Тасева, која ги запозна присутните со бенефитите од проектот кој наскоро ќе биде реализиран.
Имено, станува збор за проект кој опфаќа дводневна обука на 30 училишни претставници (педагози, психолози, дефектолози и наставници) од сите 10 основни училишта во општина Карпош. Откако ќе учествуваат во интерактивните обуки, наставно-педагошкиот кадар ќе работи учениците од осмо и деветто одделение, помагајќи им да ги надминат родовите стереотипи и самостојно да донесат адекватна одлука при изборот на своето понатамошно образование и кариера. Во таа насока, проектот предвидува и модел-работилница за родителите на идните средношколци од Карпош, кои ќе се информираат и потоа ќе ги советуваат своите деца при нивниот избор на понатамошното образование и развојна кариера. Општина Карпош и понатаму ќе поддржува вакви иницијативи, на начин што ќе ги поттикнува помладите жители да ги реализираат своите амбиции и да ги развиваат своите креативни потенцијали.









