Крајот на ноември, годинава помина  во знакот на настојувањето на Европската Унија да го поттикне продорот на пазарот на обновливите извори на енергија за греење и ладење во земјите од Европа. За таа цел, Европската комисија ја објави својата стратешка долгорочна визија за просперитетна, модерна, конкурентна и климатски неутрална економија до 2050 година.                          

По тој повод, на 28 ноември во конференцискиот центар Манос во Брисел (Белгија), се одржа заедничката завршна меѓународна конференција на тригодишните проекти BioVill (http://www.biovill.eu/) и CoolHeating (http://www.coolheating.eu), финансирани од Програмата на Европската Унија за истражување и иновации – Хоризонт 2020, со цел да го поддржат формирањето на биоенергетски села и мали модуларни мрежи за греење и ладење засновани на обновливи извори на енергија во Југоисточна Европа.

Македонскиот партнер во двата проекта, SDEWES-Skopje, заедно со уште неколку претставници од Општина Кичево, како целна заедница во проектот BioVill, Општина Карпош, како целна заедница во проектот CoolHeating, и Општина Чашка, како заедница-следбеник, успешно ги претстави развиените концепти засновани на обновливи извори на енергија за биоенергетска заедница во Кичево и за мала модуларна мрежа за централно греење и ладење во Карпош. Концептите наидоа на одобрување и пофалба од учесниците на конференцијата, со желба истите целосно да се реализираат во блиска иднина.

Повеќе од осумдесет учесници, меѓу кои, претставници на Европската комисија, на национални и меѓународни партнерски организации, компании кои се занимаваат со обновливи извори на енергија и со инвестиции во централно греење и ладење, како и проектните конзорциуми, добија одлична можност да се сретнат со експерти за обновливи извори на енергија. Во работна атмосфера, стручните лица  разговараа со можните инвеститори за резултатите од проектите и за напредокот во спроведувањето на обновливите биоенергетски села и одржливите системи за централно греење и ладење во Европа.

Во рамки на конференцијата, се остварија нови контакти и беа промовирани нови деловни можности. Исто така, учесниците добија увид во начинот на кој двата проекта на Европската Унија придонесуваат во забрзувањето на енергетската транзиција кон чиста енергија во Југоисточна Европа. Така, проектот BioVill ја доведе имплементацијата на пристапот на биоенергетско село до инвестициска фаза во седум села и заедници во партнерските земји. И проектот CoolHeating успеа да иницира пет мали мрежи за централно греење и ладење во своите целни заедници.

За време на настанот, покрај интересните презентации од Европската комисија и партнерите во проектите, особено важен дел зазема панел-дискусијата, со која беа опфатени мислењата на публиката, понатаму, беа сублимирани влијанијата на двата проекта врз примената на обновливите извори на енергија за греење и ладење во Европа, и беше акцентирана улогата на градовите, општините и локалните заедници во процесите на енергетска транзиција. 

На задоволство на организаторите, учесниците потврдија дека успешно беше постигната целта на конференцијата – обезбедување на платформа за презентација и дискусија на резултатите од проектите пред политичките, економските и научните заедници во Европа. Освен тоа, беше поткрепена соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор, беа разгледани главните резултати од проектите и беа презентирани примери на најдобри практики, како и иновативни синџири на вредности за одржливо користење на обновливите извори на енергија во локалните мрежи за централно греење и ладење.  

              Дополнително, беше поздравена идејата за заедничка организација на завршната конференција на двата проекта. Размената на идеи меѓу претставниците на локалните власти и комуналните претпријатија, националните и регионалните носители на одлуки и истражувачката заедница, го отвори патот кон проширување на мрежата во рамките на заедницата која се залага за користењето на обновливите извори на енергија за греење и ладење. Сите партнери на проектите BioVill и CoolHeating истакнаа дека ќе продолжат да работат посветено и натаму ќе ги применуваат пристапите засновани на обновливи извори на енергија во Југоисточна Европа.