Преку веб платформата www.prijavi.mk граѓаните на Општина Карпош, од денеска ќе можат да пријавуваат повеќе проблеми од областа на хигиената, јавното осветлување, загадувачи на воздух, ударни дупки и други јавни комунални услуги.

За реализација на оваа цел, Општина Карпош и невладината организација НЕКСУС – Граѓански Концепт, склучија Меморандум за соработка кој се однесува на одржувањето на оваа платформа, начинот на пријавување на проблем и комуникација со граѓаните. Градоначалникот Стефан Богоев посочи дека на овој начин се олеснува комуникацијата меѓу граѓаните и локалната самоуправа.

 

–   На поедноставен начин, со еден клик и споделување на фотографија жителите ќе може да пријават проблем, со што ќе заштедат и дел од своето време, а ќе се олесни работата и на општинската администрација, рече Богоев.

 

Претседателката на НЕКСУС – Граѓански концепт, Афродита Муслиу, посочи дека оваа платформа е дел од Проектот „Граѓаните за општинатаРаботиме заедно за транспарентност и одговорност“имплементиран од НЕКСУС и делумно поддржан со грант од Амбасадата на САД во Скопје.

Исто така, Муслиу го истакна своето задоволство од можноста за соработка со Општина Карпош како локална заедница, која ги следи трендовите и новите алатки за поголема двонасочна комуникација со засегнатите страни.

После воспоставената соработка за развивање на мобилна апликација (за Андроид и IOS), Општина Карпош продолжува да работи, нудејќи повеќе алтернативи, со кои се овозможува мапирање на проблемите, кои се во надлежност на локалната самоуправа.