Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска во својот кабинет им ги врачи јубилејните благодарници и признанија на истакнати членови, волонтери, крводарители и мотиватори во крводарителството кои дале свој личен придонес и имаат посебни заслуги во унапредување на крводарителството и остварувањето на целите и задачите на Црвениот крст.

 

Во таа насока, тричлена делегација предводена од Секретарот на општинскиот Црвен крст од Карпош, Маре Кочоска, денеска оствари работна средба со првиот човек на локалната самоуправа. Повод за денешната посета беше одбележувањето на 78 годишнината од основањето на Црвениот крст на РСМ и Денот на крводарителството во нашата земја (17. март), во чии рамки се доделуваат и  јубилејните благодарници и признанија.

 

Оттука, Јакимовски му врачи јубилејно признание на карпошанецот Дарко Солев, кој досега дарувал крв по 50 пати, а на Марко Дабески кој воедно е и волонтер во Црвениот крст – Карпош, градоначалникот Јакимовски му додели благодарница за најмлад крводарител до 20 години, кој досега забележал пет крводарувања. Благодарници добија и мотиваторите во крводарителството и организаторите на крводарителски акции, Цветанка Трајановска од СУГС „Георги Димитров“, потоа Мартина Самболец, од СУГС „Здравско Цветковски“, како и претставничките од клиниката Аџибадем Систина, Тања Неделковска и Ивана Анѓелеска. За својот придонес и поддршка на активностите кои ги реализира Црвениот крст, благодарница доби и административецот од Општина Карпош, Дејан Јонузоски.

 

Инаку, Општина Карпош е една од водечките локални самоуправи која организира и спроведува крводарителски акции  за потребите на Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина, при што ги вклучува граѓаните на Карпош, вработените во општинската администрација и урбаните заедници, како и вработените во основните училишта и градинките на своја територија.