Капката крв спасува живот. Ова го гледаме секојдневно и во ек на пандемијата од КОВИД – 19, кога е драгоцена плазмата од оние кои го прележале вирусот. Но, единиците крв се значајни и за лекување на други болести.
Денеска, во општина Карпош, во рамки на Спортско – рекреативниот центар во ООУ „Лазо Трповски“ беа доделени благодарници и признанија за 50, 75 и 100 крводарувања, во знак на одбележување на Денот на основањето на Црвениот крст во Македонија и Денот на крводарителството (17 – ти март).

Признанијата беа поделени од градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, претседателката на Црвен крст на ОО Карпош, Билјана Костова и секретарот на Црвен крст на ОО Карпош, Маре Кочоска.

– За жал, ситуацијата со КОВИД – 19 сѐ уште е сериозна, но токму затоа Вашиот придонес е уште позначаен. Затоа што и во вакви времиња сте се одлучиле да донирате крв. Денеска, светот, болните од КОВИД молат за конвалесцентна плазма, но особено се значајни и редовните единици крв, кои се потребни за пациентите кои се борат со други болести, рече Богоев.

Општина Карпош има континуирана соработка со Црвениот крст. Беа организирани мобилни тимови за поддршка на граѓаните во изолација; доделивме социјални пакети на 80 домаќинства, спроведовме и крводарителска акција, а работиме и на проект за „Хумани патроли“ за највозрасните наши граѓани.

Претседателката на Црвениот крст на ОО Карпош, Билјана Костова додели и благодарница на градоначалникот Богоев, за неговиот особен придонес и волја за хуманост и солидарност.

Денеска беа доделени признанија и благодарници на следниве крводарители:

 Даниловски Зоран – вработен во „Реплек“ – (50 крводарувања);
 Илиевски Раде – Волонтер во Црвен крст ОО Карпош- 75 крводарувања;
 Димов Дејан вработен во „Никоб“ – 50 крводарувања;
 Карафиловски Коста- вработен во Пожарна – 50 крводарувања;
 Дилковиќ Срѓан -волонтер во Црвен крст ОО Карпош – 50 крводарувања;
 Дабевски Марко-волонтер од Клуб на млади на ОО Црвен крст Карпош, признание за унапредување на крводарителството.