По повод  јубилејниот 40 ти  роденден  на локалната самоуправа, кој Општина Карпош го прославува  денеска, градоначалникот на Општината Стевчо Јакимовски, во својот кабинет ги прими градоначалниците и претставниците од збратимените општини. Градоначалниците на Травник, Босна и Херцеговина  и на Сремски Карловци, Србија Адмир Хаџиемириќ и Ненад Миланковиќ, како и Илија Јановиќ од Тиват, Црна Гора и Бора Џуровиќ од Врњачка Бања, Србија, разменуваа практики од раководењето и менаџирањето со единиците на локалната самоуправа.

Првиот  човек на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, истакна дека Карпош е општина која до сега ги има реконструирано и реновирано сите десет основни училишта  и четирите градинки кои се наоѓаат на нејзина територија. Општина Карпош постојано вложува во енергетско- ефикасни фасади на колективните станбени згради, како и во заменувањето на азбестите кровови и замена на старите лифтови, продолжи градоначалникот Јакимовски.  Првиот човек на Карпош  Јакимовски, напомена дека Општината постојано вложува и инвестира во спортот кај најмладите, се со цел да постанат професионалци, како и во социјалната политика помагајќи им на социјално најзагрозените семејства граѓани на Карпош. Јакимовски исто така напомена дека за неколку месеци, 11 од вкупно 14  урбани заедници кои се наоѓаат во Карпош ќе бидат комплетно инфраструктурно и урбанистички уредени, и практично нема да постои локален проблем кој ќе треба да го решава локалната самоуправа.

Повеќе од еден час првиот човек на Карпош Стевчо Јакимовски со своите колеги и со претставниците од збратимените општини разменуваа искуства и  разговаараа на најразлични теми кои се во надлежност на локалната самоуправа, споделувајќи го на тој начин  богатото искуство во раководење на  ваков вид на институции.