„До крајот на оваа година, во Општина Карпош целосно ќе биат завршени реконструкциите на речиси 50-на фасади на колективни станбени објекти. Оваа бројка, која ги вклучува и реконструираните фасади на зградите од минатата година, е само дел од севкупниот план, според кој во наредните четири до пет години, треба да се реновираат сите фасади во оваа локална самоуправа и да се заменат со енергетски ефикасни“ .

На денешната конференција за печат, ова детално го образложи градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски кој рече дека на ваков начин граѓаните ќе добијат термо изолирани фасади, кои во натамошниот период ќе заштедуваат од енергијате потребна за затоплување и ладење.

                – Продолжуваме со реконструкција на фасадите во Општина Карпош, овој пат на улицата Волгоградска и на улицата Соле Стојчев. Целокупната инвестиција е некаде околу четири милиони денари, финансирана од буџетот на локалната самоуправа. Бидејќи ова е улицата која кореспондира со трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ планираме  фасадата и целата архитектура да биде компактибилна со трговскиот центар, се со цел улиците „Љубљанска“ и „Волгоградска“ да бидат во една композиција заедно со обновените објекти во делот на Карпош 4 – рече Јакимовски.

Тој апелираше до жителите на овие објекти да се потрудат пред реконструкцијата на фасадите да ги променат своите прозорци и да стават термички, сѐ со цел да се постигне поголема енергетска ефикасност.  Првиот човек на Општината, јавно ги повика сите граѓани кои се заинтересирани за обнова на лифтовите и покривите, да се пријават навреме, бидејќи истите ќе се реконстурираат заеднички со Општината која ќе помогне со сопствени финансиски средства .

Планираните 11 станбени објекти за реконструкција со термичките фасади на територија на Карпош 4, ќе бидат целосно обновени и со тоа безбедни за наредните 30-на години.