–  Одамна е поминато времето на ефтини и матни приватизации, и на доделување на земјиште во четири очи со член 53 , со што одредени компании и одредени лица имале приоритет во добивање на земјиште или било што во Република Македонија.

Ова денес го изјави на конференција за печат првиот човек на локалната самоуправа во Карпош Стевчо Јакимовски  по повод пресот на управителот на „Хубо- Реплек“ и обвинувањата за изградба на инфраструктура во близината на маркетот.

–  Согласно Деталниот урбанистички план, се што е продадено е  сторено на транспарентен начин, со јавна лицитација, на која учествуваше и „Хубо Реплек“, пришто купија една од понудените парцели. Можам само да кажам, продолжи Јакимовски , дека никој не им бранеше на сопствениците на „Хубо Реплек“,  да купат поголем дел од овие парцели. Нивната желба беше  целиот тој комплекс, повеќе од два хектари земјиште, да го купат по едно евро квадрат. Ние како Општина , истакна првиот човек на локалната самоуправа , можеме само да кажеме дека немаме намера да правиме богати газди, туку сакаме да имаме богата општина, затоа што овие средства што се добиени на наддавање при што се постигнати цени од 100 до 600 евра за квадратен метар, се вложени  во инфраструктура за граѓаните на Општина Карпош. Во исто време, во тој дел, што е сервисна зона, ќе се градат објекти , кои што ќе го збогатат сервисното услужување на граѓаните на Општина Карпош. 

– Планот е донесен на 31. 01. 2014 година , што значи дека имале две и пол години време, за реагирање на било какви пречки во функционирањето во работата на „Хубо Реплек“. Во тој период, рече Јакимовски тие можеле да дојдат во локалната самоуправа, да објаснат и да изнајдеме решание, а со тоа и   сервисната улица која што треба да се гради, досега би била изградена. Нивното барање,  дел од овие локации, на сопствениците кои го купиле земјиштето на транспарентна лицитација, да им се даде друго земјиште, е невозможно, затоа што тоа не го дозволуваат законските прописи. Во исто време, овие сопственици на земјиштата, имаат законска обврска во одреден рок да  почнат, и во одреден рок да ги завршат своите објекти.  Ние и натаму сме подготвени, се што треба на сопствениците и на вработените од „Хубо Реплек“,  да им помогнеме, за да можат тие и понатаму да функционираат, изјави градоначалникот на Карпош Јакимовски. Тој рече дека во меѓувреме, снабдувањето на Хубо и понатаму е непречено,  бидејќи има повеќе влезови. Дури повеќе, ним им е зголемена површината за градба и висината, изјави Јакимовски.

Одговарајќи на прашања од новинарите, првиот човек на локалната самоуправа во Карпош, потенцираше дека дозволената  висина на објектите кои ќе се градат на останатите парцели е 14 метри. Тие, согласно ДУП-от, се градат во  зона за комерцијални објекти каде што ќе бидат изградени сервисни центри со кои ќе се подобри услугата на граѓаните на Општина Карпош и на овој дел од градот.