Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев оствари средба со д – р Larry Hubbell, професор и директор на Институтот за Јавна служба на Универзитетот во Сиетл, (САД). На средбата се разговараше за актуелните случувања во Општина Карпош. Господинот Hubbell се интересираше за ефикасноста на општинската администрација, нејзината стручност и компетентност да биде вистински сервис на граѓаните.

 Градоначалникот Богоев потенцираше дека општинското раководство е фокусирано да обезбеди ажурна администрација, а проблемите со превработеност и неизвршување на работните задачи еднаш засекогаш да станат минато.

 Исто така, на средбата стана збор и за тековните проекти во Општината кои се однесуваат на заштитата на животната средина и изведбата на нови зелени површини, како и предизвикот за справување со непланската урбанизација која се случи во централниот дел на Карпош.

 Д-р Larry Hubbell одржа обука и со дел од вработените при Општина Карпош. Се разменија искуства за функционирањето на администрацијата и начинот на нејзината организираност.

 Се истакна потребата за унапредување на статусот на административниот работник, негово мотивирање кое ќе придонесе за зголемена професионалност на локалната самоуправа во целина.

 На овој начин, ќе се обезбедат и поквалитетни услуги за граѓаните кои секогаш ја чувствуваат локалната власт за поблиска и подостапна во доменот на заштита и реализација на нивните права.