Во галеријата на Кинотека на РСМ, вечерва беше поставена изложбата на уметницата Ана Митевска, која за првпат ги истакнува своите уметнички творби пред очите на јавноста. Станува збор за музичко – артистички перформанс кој се организира по повод претстојниот роденден на Општина Карпош (3. ноември). Покрај љубителите на сликарскиот израз, изложбата ја посетија и реномирани домашни уметници, актери и музичари. Во рамки на овој настан, советникот од Општина Карпош – Зоран Краљевски одржа кус поздравен говор, при што истакна дека Советот и понатаму ќе дава безрезервна поддршка за инвентивните проекти од областа на културата и уметноста.

Првиот јавен настап на уметницата од Карпош, свечено го најави познатиот македонски актер Драган Спасов – Дац, кој преку воведна реч ја промовираше изложбата под наслов „Саксофон“. Имено, овој музички инструмент е појдовна инспирација за ликовната артикулација во уметничките дела, преку кои талентираната уметница Митевска на апстрактен начин го пренесува на платното, звукот кој е најблизок до човечкиот глас. Серијалот од 30 слики е изработен во акрилна техника на платно, каде што соодветните топли бои и изобилството на земјени тонови резултираат со колоритни емоции, кои во уметницата ги има разбудено самата природа.

Вечерното визуелно доживување беше испреплетено со суптилните звуци на  саксофонистот Горан Папаз, чија мелодија спонтано се „прошета“ низ просторот на изложбениот салон во Кинотеката. Во галеријата беше поставено и бело платно, на кое секој посетител можеше да повлече слободен потег со четката и на тој начин да учествува во создавањето на апстрактното дело, кое потоа Митевска ќе и го подари на Општина Карпош, по повод 46. роденден на локалната самоуправа.