Во основното училиште „Аврам Писевски“, во Бардовци, се отвори првата училишна градина за одгледување и производство на храна. Промоцијата на оваа градина се одржа денеска, птигодно, токму на Светскиот ден на храната. Во дворот на „Аврам Писевски“ присутните гости и изложувачи на здрава храна беа сведоци на повеќе креативни катчиња и презентации кои ги направија учениците од ова училиште во Карпош.

Создавањето на градината и  на овој настан, беа поддржани и од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и од граѓанските организации „Slow Food“ и „Ајде Македонија“.

На овој убав едукативен и хуман настан се обрати градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој го изрази задоволството што токму основно училиште од нашата општина е  прво во Македонија со ваква училишна градина –  училница на иднината.

 – Со ваков пристап, учениците од најрани години ќе бидат свесни за важноста на здравата исхрана, свежото овошје и зеленчук, со што ќе се се поттикне грижата и за сопственото здравје,. Овој тип на активности, се надоврзуваат и на наставната програма, така што, учениците на конкретен начин ќе гледаат како растат, се развиваат, негуваат и одгледуваат растенијата и земјоделските култури, рече Богоев.

Светскиот ден на храната, оваа година се одржува под мототото „Нашите дејствија се нашата иднина“, при што посебно се става акцент на колективниот напор за подигнување на јавната свест за важноста на здравата исхрана и справување со гладот на светско ниво.

На настанот се обрати и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски кој потенцираше дека Општина Карпош е лидер на полето на креирање на ваков вид училишни градини, како и министерот за образование Арбер Адеми кој го поздрави ваквите позитивни примери и активности кои успешно го надополнуваат образовниот процес.