Во урбаната заедница Владо Тасевски (т.н. Млечен ресторан) вчеравечер се одржа уште една средба меѓу граѓаните од оваа населба со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и претставниците од Полициската станица Карпош и СВР Скопје.

Ваквите теренски, маалски средби се одлична можност за презентација на конкретни проекти предвидени за населбите, но и изворно запознавање со локалните проблеми на граѓаните.

На почетокот од средбата градоначалникот Богоев напомена дека многу скоро започнува реконструкцијата на улиците “Римска” и “Атинска”, со средства добиени од Светска банка, а исто така целосно ќе се реконструира и прошири улицата “Њуделхиска” на која ќе биде поставена и нова атмосферска канализација.

Сепак, долж овие и други сервисни улици веќе со години паркирањето претставува сериозен проблем.

Локалната самоуправа веќе подготви проект за еднонасочен сообраќај, со цел да се намали сообраќајниот метеж, а и тротоарите да се ослободат од возилата и да претставуваат безбедни зони за пешаците.

Токму од оваа урбана заедница, пред два месеци, започна и „зелената офанзива“ во Карпош, во која што се засадија 155 висококвалитетни дрвја во повеќе урбани заедници.

Дополнително се зголеми зеленилото на платоата на Млечен и на Педагошка, а Богоев најави и започнување со реконструкција на спортските игралишта за фудбал и кошарка во основното училиште “Војдан Чернодрински”.

– Овој училишен двор ќе претставува вистински спортско – рекреативен центар, кој ќе овозможи подобри услови за учениците, но и за сите млади од овој дел на Карпош кои ќе сакаат да спортуваат и да се рекреираат.

Во оваа населба од секогаш постоел маалскиот живот, решени сме да го унапредиме, со нови содржини кои нема да ја загрозат автентичноста и духот на Млечен, рече Богоев.

 Во разговорот со градоначалникот, граѓаните наведоа повеќе проблеми кои се однесуваат на јавниот ред и мир и поставувањето на урбаната опрема од страна на угостителските објекти.

На средбата, претставниците од ПС Карпош се понудија на целосно располагање на граѓаните и се договорија заеднички патроли на покритичните места.

Исто така, ќе се интезивираат теренските контроли врз оние објекти кои не ги почитуваат правилата за поставување на урбана опрема, а Богоев нагласи дека во Градот Скопје се подготвува и нов Правилник за целосно справување со субјектите кои го узурпираат јавниот простор.