Во ООУ „Вера Циривири Трена“, денеска претседателот на „Креативен Центар Карпош“, проф. д-р Зоран Поповски, одржа експериментално предавање од областа на природните науки. Како што истакна самиот Поповски, на него, учениците ќе го применат своето теоретско знаење од областа на природните науки кое го стекнуваат преку наставниот материјал, емпириски и непосредно.

 

-Сето знаење, кое учениците преку учебниците го учат по природните науки, денес ќе можат практично да го осознаат и да ја видат неговата примена. Токму една од целите на „КЦ-Карпош“ е преку опипливо предавање, учениците да го прошират своето знаење, и на еден поинаков нестандарден начин, да научат повеќе за предметите кои ги изучуваат,  напомена Поповски.

 

 

Првиот човек на „Креативниот Центар Карпош“ Зоран Поповски, нагласи дека веќе во наредниот период е предвидено учениците со телескоп, преку т.н настава „Дружење со звездите“,  да  научат  повеќе и  во оваа областна наука.

 

–                    Морам да напоменам дека на крајот на оваа учебна година, планираме сите овие инструменти кои ги користиме во КЦ-Карпош, да ги дислоцираме, и да ги однесеме на  локација, на која ќе го одржиме првиот  КЦ- Карпош летен семинар, на кој ќе присуствуваат ученици не само од територијата на нашата локална самоуправа, туку и од други училишта од Градот Скопје, и  ширум Република Македонија, потенцираше Зоран Поповски.

 

Претседателот Поповски, исто така истакна  дека постои видлива заинтересираност кај учениците за активностите во КЦ- Карпош, и  поголема мотивација кај самите наставници, бидејќи овој е практичен, модерен и  напреден метод, со кој се зголемуваат знаењата како кај  учениците, така и кај наставниот кадар.