Денеска, вторник (15.08.2017) со почеток во 21:00 часот на платото во Т.Ц. Лептокарија ќе започне „Културно лето Карпош 2017“.  Културната манифестација која се одржува по десети  јубилеен пат, ќе стартува со музички концерт на  шоуменот  Игор Џамбазов, заедно со блуз-поп составот ГуруХаре.

Традиционално, како и секое лето, втората половина на месец август е резервирана за летно културно освежување. Љубителите на културата и уметноста,  ќе можат да уживаат во концертите на наши музички ѕвезди, културно-уметнички друштва, ликовни изложби.

Петнаесет дена, секоја вечер љубителите на различни музички жанрови како џез, поп, етно и народна музика, како и класика, ќе можат да присуствуваат и да уживаат во звуците и изведбата на наши пејачи и музички групи. 

Културната манифестација не ги заборава ниту најмалите жители на локалната самоуправа, бидејќи секоја година има и музичка или културно – уметничка програма токму и за нив. 

Почитувачите на добриот хумор, ќе можат да се насмеат и расположат на „стенд ап“ комедии на познати комичари. Повеќе од две седмици, карпошани ќе уживаат во музичките перформанси, културно – уметничките изведби, ликовни презентации, како разнообразност во понудата, за да се задоволи сечиј вкус, на секој кој ќе биде дел и од оваа незаборавна летна културна манифестација. 

Централна локација на која ќе се одвива Карпошовото културно лето ќе биде платото во TЦ „Лептокарија“. Културната манифестација ќе ја затвори познатиот македонски кант-автор Венко Серафимов, кој в петок (01.09.2017) ќе одржи концерт во придружба со познати музички имиња од македонската уметничка естрада.