Две години  Креативен центар Карпош

 

„Каде застанавме, до каде напреднавме и како понатаму“, беше централната тема на отчетниот состанок, односно на Годишното собрание на Здружението на граѓани Креативен центар Карпош, невладина организација  единствена од ваков вид во државата.

На него, освен основачите и активно ангажираните лица во рамки на КЦК, присуствуваа и директорите на сите десет основни училишта на територијата на локалната самоуправа, каде се реализира овој едукативен проект, како и градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.

Изминаа точно две години од првичното презентирање на оригиналниот проект Креативен центар  Карпош, и година и половина од неговото профункционирање. Негова основна цел, по теркот на познатата „Петница“, е  да ги анимира сите истражувачки настроени ученици од 10-те основни училишта од Карпош и да им обезбеди услови за развивање на креативна пракса, нешто што не е, или е сосема малку застапено во редовниот наставен процес.

Оттогаш до денес, благодарение на КЦК основани се 10 креативни центри во разни училишта во Општина Карпош, од кои шест веќе активно работат, а четири се во фаза на заживување со готови проекти и програми.

 Станува збор за Центар за дизајн и роботика во ООУ „Братство“,  Центар за аудиовизуелни уметности во ОУ „Владо Тасевски“, Центар за екологија во ООУ „Јан Амос Коменски“,    Центар за храна во ООУ „Вера Циривири – Трена“, Центар за културно наследство,     Центар за енергетика и климатски промени во ООУ „Димо Хаџи – Димов“, Центар за ботаника и микологија во ООУ „Петар Поп-Арсов“, Центар за зоологија во ООУ „Лазо Трповски“ ,    Центар за космологија и Центар за ракотворби во рамки на ООУ    „Аврам Писевски“. Во рамките на нив, во изминатата учебна година 2016/2017, веќе се одржаа дузина работилници на кои над 200 ученици со специфични интереси и дарби вршеа експерименти, ја имплементираа науката преку практични вежби и стекнуваа нови знааења и искуства.

 Според зборовите на проф. д-р Зоран Поповски, советник во општина Карпош и идејниот творец на Креативниот центар Карпош, во текот на идната учебна година, посебно треба да се насочиме кон реализација на започнатите и создавање на поповолни услови за работа на центрите, преку обезбедување нова, дополнителна опрема, организирање на камп за посетителите на работилниците, организација на истражувачки караван низ Македонија, учества во меѓународни асоцијации кои се занимаваат со млади заинтересирани за наука, но и афирмација на нивните творби и трудови со цел овој креативен начин на едукација да добие што поширока поддршка како кај учениците, така и кај родителите.

 

 

           За повеќе информации за Креативниот Центар Карпош прочитајте на http://kck.org.mk/