Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска ги додели потврдите на асистентите за децата со посебни потреби, кои во изминатата учебна 2017/2018 година претставуваа вистинска поддршка за овие лица во воспитно – образовниот процес во основните училишта во Карпош.

Станува збор за проект на локалнатаа самоуправа во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Програмата за развој на Обединети нации (UNDP).

Богоев посочи дека овој проект овозможува побрзо вклучување на децата со посебни потреби во училиштата, полесно следење на наставната програма и отстранување на бариерите во комуникацијата меѓу сите чинители во образованието.

Присутните асистенти на средбата ги споделија и своите искуства од изминатата година. Беше посочено дека е потребно намалување на бројот на ученици во паралелките, со намера да се обезбеди поголемо внимание во текот на часовите и да се зголеми комуникацијата меѓу децата со посебни потреби и наставниците.

Исто така, една од придобивките на овој проект е што за асистенти се ангажираат невработени лица, со што стануваат поконкурентни на пазарот на трудот.

Општина Карпош ќе продоли и во учебната 2018/2019 година да обезбедува асистенти за децата со посебни потреби, а веќе  се потпишаа и меморандуми за соработка меѓу локалната самоуправа и сите десет основни училишта во Карпош.