Општина Карпош е во постапка за промена на постоечките и поставување на нови лед светилки, по сите улици и спортско – рекреативни зони кои се под надлежност на локалната самоуправа, со коишто јавното осветлување во Карпош ќе биде поефикасно и штедливо. Ова го соопшти градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој беше говорник на тркалезната маса „Состојби, предизвици и препораки поврзани со имплементацијата на политиките од областа на енергетиката“, во организација на Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој (ЦеПроСАРД).

 

Во текот на дискусијата беа споделени повеќе искуства за важноста од користењето на обновливите извори на енергија, промените на системот на греење во државните установи и градење на енергетски –  ефикасни објекти.

 

  • Целосно го променивме системот на греење во градинката „Пролет“ во Влае 1. Ако во минатото сме трошеле 14 тони нафта на годишно ниво, со термалните пумпи (принципот „воздух – вода“) спречуваме 11 килограми помалку ПМ10 честички во воздухот. Значи промената е добра за објектот, економски е исплатливо, а здраво е и за животната средина, истакна Богоев.

 

Градоначалникот, исто така, посочи дека во два објекти на градинки („Мајски цвет“ на „Млечен“ и во Тафталиџе 1 ), со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), веќе се променети прозорците и вратите на објектот, со што се подигна енергетската ефикасност и објектите плаќаат околу 50 отсто пониски сметки за потрошувачка на електрична енергија.

 

Во оваа насока, се надоврза и заменик министерот во МЖСПП Јани Макрадули кој посочи дека интенцијата е сите државни институции да бидат енергетски – ефикасни и да не загадуваат.

На тркалезната маса говореше и градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Наумоски кој го сподели успешниот пример од општината за јавно приватно партнерство за сервисирање на јавното осветлување.

 

 

 

Во завршниот дел од дебатата беа споделени насоки за уште поголема вклученост на граѓанскиот сектор во креирањето на политиките во областа на енергетиката, затоа што само на тој начин може да имаме „здрави“ политики, кои на долг рок ќе даваат позитивни резултати.