ООУ „Лазо Трповски“ од Општина Карпош е добитник на специјална награда за поттик, на Меѓународниот литературен натпревар за млади кој традиционално се одржа во јапонскиот главен град Токио. Поетското натпреварување  кое помина во организација на УНЕСКО и фондацијата „ГОИ“ од Токио, (Јапонија), се одржа по повод одбележување 71 година од основањето на УНЕСКО. Покровител на оваа културна „традиција“ е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.

 

Младите карпошани дојдоа до престижната наградата, издвојувајќи се со специфичниот уметнички израз во силна конкуренција од 12. 937 учесници од 153 земји. Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Да создаваме подобра иднина преку образованието“,  ученичките  Александра Исајловска и Матеа Шутарова го претставуваа училиштето на овој реномиран меѓународен натпревар. Основците беа координирани од тројцата наставници-ментори Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик, Соња Јовановска, предметен наставник по македонски јазик и Лилјана Симоновска, предметен наставник по англиски јазик.

 

Личната творба не смееше да содржи повеќе од 700 зборови и беше напишана на еден од странските јазици што се изучуваат во училиштето (германски или англиски јазик). Наградата на ООУ „Лазо Трповски“ свечено  ќе му  ја врачи  почесниот конзул на Јапонија во Република Македонија, нејзината екселенција Казу Лешниковска.