Во индустриската зона во Момин Поток, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев заедно со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски, денеска се сретнаа со повеќе стопанственици, сопственици на фирми кои работат во оваа зона во Карпош. Индустриската зона постои од 1964 година. На почетокот егзистирале голем број фирми од земјите во регионот, а денес, најголемиот број од бизнисите се домашни.

На почетокот од средбата, градоначалникот Богоев се осврна на инфраструктурата во оваа зона. Имено, Општина Карпош во февруари, оваа година постави ново осветлување во Момин Поток, електрична линија во должина од 1.400 метри, нови 30 дрвени столбови на кои се поставени 40 нови светилки.

– Остваруваме редовни средби со бизнис заедницата и водиме особена грижа за изградба на подобра инфраструктура во овој реон. Започнува и изведбата на нова водоводна мрежа, а на крајот на летото претстои и асфалтирање на дел од сервисните улици и тротоари.

Се обврзавме, тековно да го чистиме и одржуваме овој потег во Карпош, кој претходно беше запоставен, рече Богоев.

Стопанствениците потенцираа дека овозможувањето на подобра инфраструктура е од особена важност, бидејќи тоа е еден од основните предуслови, кој ќе ги привлече и странските инвеститори.

Пред неколку години, како резултат на лошата водоводна и патна инфраструктура изгубивме инвеститор од Германија, фирма за производство на вентили, сподели еден од присутните стопанственици.

Градоначалникот Шилегов говореше и за повеќе капитални инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат следната година. Станува збор за спојување на улицата „Љубљанска” со другиот брег на реката Вардар (преку мост), како и за продолжување на булеварот „Словенија”.

На овој начин ќе се намали и сообраќајниот метеж, но и ќе се овозможи поголема поврзаност меѓу урбаното подрачје во Карпош и периферијата која има сериозен потенцијл за развој.

– Императив е да сме заедно, партнерски да ги спроведуваме проектите кои се во интерес и на Вас како бизнис заедница, но се во полза и на сите граѓани на Градот Скопје бидејќи, се овозможуваат нови работни места, посочи Шилегов.

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски се осврна на проектот за новата водоводна мрежа која ќе се изведе на овој потег.

– Се работи за инвестиција, вредна 15 милиони денари, а целта е да обезбедиме услови за непречен раст и развој на индустриската зона во Момин Поток, напомена Весковски.

Во насока на зајакнување на локалната економија и продлабочување на соработката со бизнис секторот, Општина Карпош веќе го спроведува проектот „Мој Карпош”, картичка која ќе овозможи попусти и бенефиции за граѓаните на Општината и поголема добивка за фирмите.

 Овој проект го презентирав токму на ова место, во предизборието, во месец септември, а сега ми причинува задоволство што е во фаза на реализација, каде досега ни се приклучија 214 мали и средни бизниси од Карпош, истакна Богоев.