Трета година по ред, фондацијата „ Фридрих Еберт“ и „ Канцеларија Скопје“ во просториите на салата за седници на Град Скопје го организираат „Форумот за родова еднаквост 2018“. Станува збор за проект кој обезбедува инклузивна платформа за развој на јавни политики. Оваа година беа таргетирани учеснички- советнички од редовите на локалните самоуправи кои се наоѓаат во состав на Град Скопје, како и од Градот Скопје.

Советничката од Општина Карпош Елена Антониевиќ ги презентираше резултатите од истражувањето на врсничкото насилство во основните училишта кои се наоѓаат на територија на Град Скопје. Од вкупно 299 случаи , 147 биле подложни на физичко насилство, додека 145 биле предмет на вербално насилство. Жртви на сексуално насилство во ова истражување биле седум. Како што нагласи Антониевиќ резултатите се загрижувачки и за превенирање на состојбата треба да се третира проблемот системски и повеќеслојно.

– Се препорачува родителите, како и наставниците, да посветат внимание на едукација на децата за разликите кои постојат меѓу луѓето, како што се : религија, култура, јазик, болести и други состојби; во училиштата пред се , наставниците и стручните служби во училиштето да имаат редовни обуки за : препознавање, справување и креирање на нови мерки за врсничко насилство; во Општините раководителот на секторот образование во рамки на општината да извршува редовен увид и консултација во основните училишта и педагошките служби за случаите на врсничкото насилство и тековните мерки за справување и да ги поднесува редовен извештај до комисијата за образование за состојбата во училиштата по ова прашање, напомена советничката Елена Антониевиќ.

Претседателката на комисијата за родова еднаквост во Советот на Општина Карпош и советничка Билјана Костова во рамки на овој проект ги презентираше опциите на јавната политика, односно можните приоди за решавање на проблемот.

– Постојат неколку опции и тоа : Опција 0, односно непреземање на никакви мерки , оставање на потребите на учениците и невладините организации сами да се организираат и посебно да му пристапат на проблемот. Опција 1, т.е пристапување кон минорни измени во насока на воведување на елементи на ССО , без посериозни финансиски, нормативни или други интервенции. Оваа опција опфаќа едукација од здруженија на граѓани ( предавања, обуки и работилници надвор од редовната настава), како и опција 2, која систематски го опфаќа решавањето на проблемот и изнаоѓање долгорочни решенија. Всушност оваа опција го опфаќа воведувањето на редовен предмет изучувањето на сексуалното и репродуктивно здравје во наставниот план, или воведување како изборен предмет или воведување во проектни активности, потенцираше Костова.

На оваа презентација присутен беше и заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов, како и голем број на советнички од општините кои се наоѓаат во состав на Град Скопје, како и граѓани.