Во урбаната заедница Влае 2, на платото во Порта Влае, се одржа уште една граѓанско – полициска патрола на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, како и претставници од ПС Карпош и СВР Скопје. И покрај врнежливото време, на средбата присуствуваа поголем број на граѓани од околните куќи и станбени згради.

На почетокот, Богоев напомена дека треба да се интензивира соработката меѓу Општината, граѓаните и полициските службеници. Токму тоа е и целта на овие средби кои се организираат во сите урбани заедници на територија на Општината. Сите заедно да бидеме “аларм” за подигнување на безбедноста во нашите маала.

На средбата се разговараше и за тековните проекти кои се предвидени за Влае 2.

– Веќе се подготвува идејното решение за изградба на првиот еко паркинг во Порта Влае, со цел да се реши проблемот со паркирање, рече Богоев.

Исто така, во Влае 2 постои реална потреба од зголемување на капацитетите за сместување на деца и изградба на нова градинка. 
Општината ќе опстои на своето ветување за изградба на целосно нова градинка, и веќе се подготвува физибилити студија на проектот.
На овој проект ќе се настапи партнерски со Министерството за труд и социјална политика и Светска банка. Присутните граѓани ја поздравија иницијативата за субвенционирање на велосипеди, а во насока на подобрување на вело инфраструктурата, денеска Општина Карпош во соработка со  “Центар за климатски промени” и Европската унија, постави 15 нови паркинг места на плоштадот Делфина, во Влае.

Полициските службеници од ПС Карпош и СВР Скопје зборуваа за зајакнување на меѓуинституционалната соработка и трајно справување со непрописното продолжување на терасите и поставувањето на урбаната опрема од страна на угостителските објекти. Исто така, се посочија и неколку локации на кои ќе се зголемат контролите во претстојниот период, со цел да се спречи нарушување на јавниот ред и мир.

Еден од горливите проблеми за жителите од зградите во Порта Влае е руинираниот плочник и уништената урбана опрема во овој комплекс.

Градоначалникот Богоев напомена дека следната година целосно ќе се реконструира плочникот и платото на Порта Влае, со ново партерно и хортикултурно уредување за целосно разубавување на просторот и зголемување на неговата функционалност и сигурност. Исто така, долж реката Вардар, оваа година ќе се изгради и новиот парк за миленици кои ќе ги задоволи современите критериуми за едно вакво катче за љубителите на животни.

 Полициско – граѓанските патроли ќе продолжат и во претстојниот период, а карпошани ќе имаат шанса директно да се сретнат со градоначалникот на Општина Карпош, советниците, како и претставниците од ПС Карпош.