Денеска, во просториите на Општина Карпош се одржа втората седница на Комисија за урбанизам на која се разговараше за актуелните состојби во врска со урбанистичкото планирање  во Карпош.

Планската урбанизација подразбира „ослободување“ на урбаното јадро од нови градби и нивно пренесување во периферните делови на Општината, како Бардовци и Злокуќани, со намера да се обезбеди рамномерен развој на сите урбани заедници.

Инаку, Општина Карпош формираше Комисија за урбанизам, составена од внатрешни и надворешни членови, а врз основа на член 23 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, во која се вклучија експерти од сферата на урбанизмот и просторното планирање со цел да се обезбеди планска урбанизација на Општината.

За членови на Комисијата за урбанизам се именувани: Владимир Кироски (внатрешен член), Зорица Китанова (внатрешен член), проф.д-р Влатко Коробар (надворешен член), Дејан Диневски (надворешен член) и Андријана Андреева (надворешен член).

Комисијата има свои надлежности согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и тоа да ја изработува планската програма за Деталните урбанистички планови, да дава стручно мислење на предлог урбанистичките планови, како и да  доставува предлог до Градоначалникот за одобрување или неприфаќање на планска програма за изработка на урбанистичко – планска документација. Освен тоа, таа ќе спроведува јавна презентација и јавни анкети при одобрување на локална урбанистичко – планска документација, ќе дава мислење за технички исправки на урбанистичките планови и други надлежности, согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.