Боречките спортови се едни од спортовите кои бараат големо вложување и упорност за да се постигнат врвни резултати. Еден од нив е каратето, кое влегува во групата на јапонски боречки вештини во која се користат сите делови од телото со цел за самоодбрана. Витомир Трајковски од населбата Тафталиџе, кој е ученик во четврта година во С.У.Г.С “Никола Карев”, е повеќекратен државен првак во карате. Тој освен што го освојува државниот златен медал, се гордее и со вицешампионското место во Светското карате првенство кое се одржало во Коња-Турција.

                        За да ги постигне резултатите досега, Трајковски започнал да се занимава со овој спорт уште на шест годишна возраст.

– Карате започнав да тренирам од мојата шеста година. Причината за да го засакам овој спорт е мојот братучед Лука Шостер. Гледајки  го како тренира  карате, посакав и јас да можам да го правам истото како него, односно да ги совладам боречките  техники.

                Тоа и се случи, неколку години наназад Витомир неуморно тренира и совладува нова и нова вештина, која во иднина ќе го однесе и до врвот на некое наредно Светско првнество.

-Започнав да тренирам кај мојот прв тренер Никола Панчев. Мој матичен клуб каде јас тренирам е К.К. МАКПЕТРОЛ. Нема да згрешам ако кажам дека е еден од најтрофејните и најуспешните карате клубови во Македонија. Моите тренери се Бошко Заборски, Петар Заборски и Иван Тиосављевич, тие се нашата движечка сила. Од нив ја добиваме максималната подршка, знаење, љубов, време, знаат да ја постигнат и темпираат нашата форма за  ние да постигнеме успех.

                Карпошовиот карате кид, и покрај големиот број на секојдневни тренинзи, успева да постигне и врвни резултати и во своето училиште. Неговите тренинзи, кои се одвиваат два пати дневно, не му дозволуваат целосно да се посвети на училиштето, но сепак Трајковски ја има неизмерната поддршка и разбирање од директорот и наставниот кадар на средното училиште.

                Архивата на каратистот Витомир е преполна со освоени медали, како на домашно така и на Меѓународно ниво.

                -Секој медал за мене е значаен и драг, бидејќи за секој освоен медал, јас сум дал се од себе. Сум бил повекекратен државен првак, освојувач на Кроација опен. Во тековнава година бев во финалето на сениорското Балканско првенство во Белград, каде се закитив со сребрениот медал, бронзен медал на Светската Сериа А лига во Атина и се разбира мојот досегашен најголем  успех, второ место на Светското карате првенство во Коња – Турција.

                Трајковски често ги согледува  успесите и боречките техники од својот идол, Ryutaro Araga, но се стреми да биде подобар и од него. Неизбежни се врвни резултати на светските првенства за Трајковски, а очекувањата се огромни. Со среќа карпошово карате кид.